Мијалкови си ги купија становите кои ги заплени државата, додека во фирмата „Дивелоп груп“, каде сопственик е и „Бест веј инвесментс“ на младиот Јордан Мијалков, присилно се наплаќа данок од УЈП. Ова директорката Сања Лукаревска го откри во емисијата „Топ тема“ на Телма. Со оглед дека неплатен данок го надоместуваат солидарно, сите лица во фирмата која е должник, тоа е направено и во случајот на Мијалкови. Па така, „Бест веј инвесментс“, сопственик на становите кои државата ги заплени, треба да е со блокирана сметка.
Лукаревска, прашана како тогаш Мијалкови ги купија становите, одговори: „Тоа ќе мора да ги прашаме купувачот и Агенцијата за одземен имот“.
„Кај ‘Дивелоп груп’ поврзано лице, ние имаме доставено опомена и изгенерирано решение за присилна наплата. Исто така имаме доставено решение до банка со кое што сметката на даночниот обврзник во состав на поврзаното лице е блокирана. И уште едно лице, во состав на поврзаното лице, е постапено во тој дел“, вели Лукаревска.
Таа хронолошки објави како течела постапката за наплата на данокот кој фирмата сопственост и на „Бест веј инвесментс“, која пак ја поседува Јордан Мијалков.
„Извршен е налог за присилна наплата. Согласно матичната евиденција на УЈП е одредено физичко лице кое не е со презиме Мијалков и за кое се известени сите надлежни институции за да видиме со колкав имот се располага, за понатаму да продолжиме со присилна наплата. Овде станува збор за соодветни рокови кои мора да ги испочитуваме, но ги преземаме и сите останати дејствија со цел да го наплатиме соодветниот долг“, додаде Лукаревска.
Претходно:
Од лев во десен џеб: Како Мијалкови го изиграа законот и си ги купија становите за џ’блк
Мијалкови успеаа да го изиграат законот, па становите кои државата ги заплени од нив, да си ги вратат во своја сопственост за година и половина, по причилно ниски цени. Законот за управување со одземен имот изрично забранува осудени лица во постапката во која се прави заплената, да учествуваат во постапката за продажба. Тоа, семејството на Сашо Мијалков вешто го изиграло. Становите кои пред заплената беа сопственост на „Ексико“ фирма сопственост на сопругата Александра Мијалкова, а сега од државата ги купи „Бест веј инвесмент“ сопственост на синот Јордан Мијалков. Фирмата купувач, не беше предмет на обвинението.Трите станови и гаражата беа запленети во 2022 година, кога обвинителката Лиле Стефанова се спогоди со Сашо Мијалков во случајот „Империја“. Тој реши да ги даде недвижностите, да признае вина, а во замена да добие ниска затворска казна која ја издржуваше во отворениот затвор во Струга. Тогаш, Обвинителството излезе со детален список и кажа дека правдата е задоволена, парите се враќаат кај граѓаните.Следуваше аукција од Агенцијата за управување со недвижен имот. Тие ја спроведуваат истата според Законот за управување со недвожен имот. Таму пак, јасно стои: „Купувачи не можат да бидат вработените во Агенцијата или други лицакои службено учествуваат во постапката за продажба, како и осуденото или лицето против кое се водела судската или прекршочната постапка“.Ова е вешто изиграно, па, наместо Сашо Мијалков, фирмата на Јордан Мијалков, „Бест веј инвестмент“ е новиот сопственик на трите стана и гаража на Водно.Дванаесет денови пред да се случи продажбата на имотот, првиот човек на Агенцијата за конфискуван имот, Дритон Небиу јавно кажа дека вработени добиваат закани поради аукцијата на трите станови. Во однос на заканите, тој посочи дека не може да каже кој конкретно се заканувал, само рече дека за заканите веќе е известена полицијата и дека во тек е постапка.„При разгледување на становите кои се на аукција, се појавија сопственици на имотот кои на клиентите и на вработените кои го покажувале станот им посочиле дека не може да го купат ниту да го продадат станот“, изјави Небиу на 15 ноември, по што кажа дека пријавил во полиција.Веќе на 27 ноември, Агенцијата излезе со информација дека трите луксузни станови и гаражата во елитниот дел на Скопје, односно на Водно, се продадени за 332.276 евра. Доколку се пресмета по која цена од квадрат се продадени становите, излегува дека Мијалкови си ги вратиле за џ’блк.Првиот и вториот стан на Водно се продадени за 102.000 евра. Станува збор за станови по 73 квадрати. Ако ова се подели, може да се донесе заклучок дека квадрат од станот чинел 1.397 евра. Третиот стан ги чинел и поевтино за 25 евра. Па така, 78 квадрати купиле за 1371 евро или вкупно платиле 107.000 евра. Семејната фирма потрошила и 20.000 евра за гаражата.Оваа сума е невообичаено ниска, доколку се имаат во предвид продажните цени на недвижнини по квадрат кога во прашање е Водно. Станови по 1.400 евра квадрат веќе ретко се наоѓаат и на периферијата од Скопје како што е Ново село. На Водно, цените се и до 3.000 евра квадрат.Нема одговори дали притисоците за кои јавно зборуваше директорот на Агенцијата за недвижнини помогнале за ниските цени на становите, но и купувачот да биде токму фирмата на Мијалкови. Непознато е и колку заинтересирани странки имало, но и колку учесници се наддавале во лицитацијата.
Македонија | пред 2 години