Дваесет и четири лица се убиени, а 53 повредени во утринскиот напад на вооружени луѓе за време на воена парада во Ахваз. Нападот се случи во југозападниот дел на Иран, а државната новинска агенција „Ирна“ објави нов биланс на жртви.
https://twitter.com/PressTV/status/1043396182578536449
Претходно, иранските медиуми објавија дека во нападот се убиени најмалку осуммина членови на иранската револуционерна гарда, а ранети 20. Парадата беше организирана по повод Националниот ден на вооружените сили.
„Бројот на лица загинати во терористичкиот напад се зголеми на 24, вклучувајќи и жени и деца кои биле меѓу гледачите, а бројот на мртви може да се зголеми во зависност од состојбата на ранетите“, наведува „Ирна“.
Локални медиуми објавија дека меѓу загинатите има и еден новинар. Досега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот на Ахваз.