Македонија

Подмолно, без консултации најголемите политички партии ги исфрлија од изборна трка независните кандидати, реагираат од НВО

СДСМ: Близок соработик на Мицкоски фатен со кокаин; ВМРО-ДПМНЕ: Толоманоски по пријавата е разрешен

Собранието со 84 гласа за, ниту еден против и двајца воздржани усвои измени на Изборниот законик, со кои се зголемуваат квотите на граѓанските потписи за учество на независните кандидати на избори. Место илјада потписи од регистрираните гласачи во една изборна единица, независните кандидати и независните листи сега ќе мора да соберат најмалку еден процент потписи од вкупниот број избирачи во нивната изборна единица. На ова реагираат од НВО и независните кандидати за кои сега ќе биде проблем учеството на избори.

Еве ја нивната реакција: На подмолен начин, без консултации и јавна расправа, по скратена постапка и спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи, донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво.

Поднесени од пратениците на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и со премолчана поддршка од сите останати, измените го зголемуваат прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1.000 потписи, на 1% отсто од запишаните избирачи. Ваква измена истиот овој парламентарен состав се обиде да спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување на голем дел од новите независни кандидати, но обидот беше блокиран од голем број на амандмани. За потсетување, на локалните избори 2021 година независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Градот Скопје. Преведено во бројки на национално ниво ако ја земеме за пример Изборната единица (ИЕ) 1, наместо досега потребните 1.000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3.372 потписа за да поднесат независна листа.

Според бројките на запишани избирачи, за ИЕ 2 на независните ќе им бидат потребни 2.408 потписи, за ИЕ 3 – 3.005, за ИЕ 4 – 2.945, за ИЕ 5 – 3.395 и за ИЕ 6 – 2.486 потписи.

Просекот на граѓани кои излегле на гласање на последните парламентарни избори во 2020 г. во ниту една ИЕ не надминува 60% од гласачите на избирачкиот список. За споредба, во ИЕ 1 се запишани 337.214 гласачи, од кои гласале 169.773 или 50%.

Овие измени ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година. За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4,674 потписи. Нс последните локални избори во 2021 година, во град Скопје запишани избирачи биле 467.373, од кои гласале 229.531. Ако ги земеме изборните резултати каде што еден советник од независната листа бил избран со 4.611 гласа, произлегува дека повеќе потписи ќе бидат потребни за учество отколку за добиено советничко место на избори. За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4.674 потписи.

Уште еден илустративен пример за дискриминаторската политика кон независните е фактот што за регистрација на политичка партија се потребни 1.000 потписи. Таа одредба не е променета. Начинот на отежнато собирање на потписите преку канцелариите на ДИК е дополнителен проблем за кој независните и досега реагираа. Таа отежнувачка околност останува и со новите измени. Меѓународните норми и препораки велат дека не смее да има порестриктивни барања за независните кандидати од тие за партиите. За споредба со земјите во чие друштво сакаме да бидеме:
● Австрија и Белгија имаат барање од 200-500 потписи, зависно од регионот;
● Британија – 10 потписи;
● Финска – 10 потписи или три и пет во помали општини;
● Германија – 200 потписи;
● Данска помеѓу 150 и 200;
● Ирска 15 потписи за општини и 60 за парламентарни избори;
● Кипар и Малта – четири потписи;
● Грција – 12 потписи;
● Во Естонија и Франција нема барања за потписи.

Кај нас потребата од демократија и плурализам е огромна, како резултат на незадоволството од делувањето на постоечките партии. Независните и досега се соочуваа со дискриминаторски методи преточени во законски одредби или наследени пракси од институциите. Како илустрација, пристапот до избирачкиот список не им беше овозможен на независните кандидати, редниот број на гласачкото ливче за нив иако се извлекуваше со жрепка, секогаш нивното место беше по 80-тото. Партиите што доминираат на политичката сцена од одамна наликуваат на трговски друштва што на изборите не гледаат како на прилика за победа на мерки и политики кон унапредување на животот на граѓаните, туку како на прилика за заграбување на што поголем дел од ресурсите на Македонија за партиски цели. Со последните измени, политичките партии само ја зацврстуваат својата монополска позиција и оневозможуваат влез на независни листи. На ваков начин во Македонија не само што нема простор за т.н. трета опција, туку теренот е скроен да нема никаква алтернативна опција. Иако навидум лути непријатели, партиите и од власта и од опозицијата се во совршено хармонични односи и веднаш наоѓаат заеднички јазик кога треба да го одбранат нивниот „терен“ на влијание.

Како група на независни активисти и членови на совети низ Македонија, бараме веднаш да се отстранат апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори, и да: Се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати Се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК Се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена Се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче Се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список Овие измени да се направат веднаш, по скратена постапка, како што минатата недела беа направени измените за блокирање на независните кандидати, се вели во реакцијата потпишана од:
Независни За Карпош – За
Заштита На Карпош – Скопје
Зелен Хуман Град – Скопје
Шанса за Центар – Центар – Скопје
Подобро за Тетово – Më mirë për
Tetovën – Тетово
Понаку – Битола
Зелените Од Гази Баба – Скопје
СТИГА Е – Струмица
СТИГА Е – Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина – Босилово, Ново Село.

На почеток