Македонија

Пендаровски се откажа од државната пензија, се врати како професор на Американ Колеџ

Скопје 1 веднаш по вториот изборен круг упати прашања до Кабинетот на сега поранешниот претседател Стево Пендаровски дали ќе ги користи бенифициите кои според Законот за права на поранешен претседател и неговото семејство.

“Кaко поранешен претседател, Пендаровски нема да ја користи државната пензија која му следува по закон, затоа што веќе се врати на својата академска кариера како професор на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.

Претставници на Министерството за внатрешни работи ќе продолжат да го обезбедуваат поранешниот претседател во согласност со безбедносните проценки што ги прават.

Во однос на административната и логостичка поддршка која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија, но, бидејќи таква пракса и законски основ не постои, Пендаровски во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во Кабинетот, ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател”.

Пендаровски опстои на ветувањето од пред 5 години кога беше дециден дека ќе се откаже од правото на пензија и дел од правата кои му следуваат.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, поранешниот претседател има големи бенифиции доколку одлучи да ги користи: право на пензија, без оглед на староста, чиј износ е еднаков со износот на платата што ја примал како претседател, има право на канцелариски простор и најмногу до три стручни соработници, право на лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач.

Претходниците на Стево Пендаровски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, иако минимално се појавуваат во јавноста и речиси ништо не сработија, максимално ги користат огромните бенефиции како поранешни претседатели.

Овој Закон, иако беше многу критикуван и се бараше негово повлекување или прилагодување беше донесен за правата на семејството на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски.

На почеток