Македонија

Првите кадровски решенија на Сиљановска: кои се новите лица на челни функции

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги има првите кадровски решенија за во Вила Водно. Досегашниот генерален секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров се разрешени од функциите. Од Кабинетот на претседателката Сиљановска за „Скопје1“ велат дека нов генерален секретар е Ѓорги Божинов, а заменик Горан Момироски. Божинов, според неговата биографија е правник кој работел на повеќе позиции во Министерството за земјоделие пред да отиде во Вила Водно.

„Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области. Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, велат од Кабинетот за „Скопје1“.

Момироски, е познат за јавноста. Тој долги години е дел од медиумскиот свет.

„Заменик генералниот секретар Горан Момироски е дипломиран новинар со долгогодишно работно искуство во повеќе медиуми во земјава, меѓу кои МТВ, А1 ТВ, ТВ Канал 5, МИА, Телевизија Алфа, а соработувал со голем број меѓународни организации и медиуми во регионот. Во текот на бегалската криза во 1999 година и на воениот конфликт во 2001 година Момироски бил шеф на одделот за комуникација при Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации, а работел и како регионален координатор за комуникации на Меѓународниот комитет на Црвениот крст“, додаваат од Кабинетот на Сиљановска.

Побаравме детали и за други кадровски решенија како што се шеф на протокол, аѓутант, нови лица во Секторот за односи со јавност.

„Во однос на други кадровски решенија, јавноста ќе биде навремено известена“, додаваат од кај Сиљановска.

На почеток