„Да се отпуштат сите судии и обвинители“ – спогодбите на Георгиев и Мемети ја изреволтираа јавноста
Од
Објавено на
Спогодбите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со членот на Советот на јавни обвинители и врховниот судија Наќе Георгиев, за помали казни во замена за признавање вина – за дел од јавноста се скандалозни. Професорката по право, Мирјана Најчевска повика да се отпуштат сите судии и обвинители, оти се легло на криминал.
„Не треба да се сменат судскиот совет и советот на јавни обвинители. Треба да се отпуштат од работа сите судии и сите јавни обвинители. Тие се легло на криминалот, заштитници и поддржувачи на криминалот. Корупцијата и криминалот во Македонија цветаат затоа шт онема судии и јавни обвинители кои имаат интелектуален и морален капацитет да се спротистават. Засрамете се сите вие кои склучувате ваква спогодба и сите вие кои молчите за ова“, напиша Најчевска.
Иџет Мемети, кој е член на Советот на јавни обвинител, признал дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание, во случајот каде обвинет е и врховниот судија, Наќе Георгиев. Мемети се спогодил со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со предлог до Кривичен суд да му се одреди условна осуда и забрана за вршење на дејност во наредните три години. Мемети беше осомничен во случајот за земање 10.000 евра со цел, да му ја олесни положбата на градоначалникот Боро Стојчев (Боро Малборо), против кого беше покрената кривична постапка. Во тек е спогодба и со Георгиев.