(Видео) Огромни поплави во Босна и Херцеговина, исчезнати се три лица: „Не се движите пеш или во возила“
Обилни врнежи од дожд кои во текот на ноќта зафатија поголем дел од Босна и Херцеговина предизвикаа поплави во повеќе градови. Поплавени се улици и станбени згради во Јабланица, Кисељак, Крешево, Бусовача и Фојница, јавува Анадолија.
Службата за цивилна заштита на општина Кисељак го замолува населението да не патува, а во итни случаи да ја повика службата, пожарникари, брза помош или полиција. Сите итните служби од територијата на општина Кисељак се на терен за да му помогнат на населението.
„Поради вонредната состојба во општина Кисељак и соседните општини, наставата за петок е одложена. На сите погодени од поплавите им посакуваме брзо закрепнување“, соопштија од гимназијата „Иван Горан Ковачиќ“ во Кисељак.
На патните правци Бусовача – Кисељак, Кисељак – Крешево и на влезот во Кисељак (од правец на Сараево) на коловозите имало бројни одрони од земја и камења, поради што сообраќајот е во прекин, соопштија од авто-мото клубот на Босна и Херцеговина (БИХАМК).
#poplave i #odroni u #dreznica #jablanica #konjic #mostar Komadinovo vrelo, Drežnica, M17, Jablanica – Mostar pic.twitter.com/c45yn14QgG
— Bljesak.info (@Bljesak) October 4, 2024
Планинската спасувачка служба (ГСС) Јабланица ги повика жителите да контактираат со ГСС и пожарникарите за да им помогнат во спасувачките операции поради поплавите предизвикани од обилните врнежи синоќа. Во раните утрински часови издадоа и предупредување дека одрони и порои се забележани кон Долјани, Совичи и Рисовац.
„Не се движите низ улиците ниту пеш, ниту со возила, патиштата се поплавени од порои“, се вели во соопштението.
Од Противпожарната станица Јабланица изјавија дека во градот работат фиксните телефони, но дека нема сигнал кога се работи за мобилна телефонија.
Аваз: Најмалку три лица се исчезнати
Состојбата на подрачјето на Јабланица е критична. Според информациите на Дневни аваз, најмалку три лица исчезнале во областа Долна Јабланица и Злата.