Македонија

Лути на раководството на Зоолошката, но и на АХВ – куп реакции за убивањето на птиците поради птичиј грип

Се бара одговорност за хаосот во Зоолошката градина. Реакции има од граѓаните, но и од политичките партии и здруженијата за заштита на животните. Утрово се огласија од ЛДП каде бараат одговорнсот за случувањата во неа.

„Градската организација на ЛДП бара итно пломбирање на Зоолошката градина Скопје и преземање одговорност од надлежните лица за случувањата во неа. Целосна истрага и транспарентност се неопходни за да се осигура дека ризици по здравјето на луѓето и животните нема повеќе да се повторат. За хаосот кој владее треба да се има и чин на морална одговорност – оставка на градоначалничката на Скопје која законски има можност да ги поставува по сопствена одлука директорите на градските институции вклучително и на ЗОО која е подолго време оставена сама на себе. Градската организација на ЛДП изразува длабока загриженост за вчерашната вест за птичји грип, како и за низа настани и скандали кои ја следат скопската Зоолошка градина. Здравјето на посетителите децата и вработените е сериозно загрозено поради сомнеж за појава на птичји грип, дојде до итна евакуација на истите, но не смее да се заборават и животните кои секојдневно полека умираат во тоа мачилиште. Веќе неколку пати алармираме за проблемите со управување на Зоолошката градина, но инцидентите продолжуваат – од смртта на жирафите, тигрицата, слоницата, лавот до актуелниот ризик од зарази како птичји грип. Одговорност мора да има“, велат од ЛДП.

Птичји грип не се превенира со кршење вратови, фрлање живи во канта и стрелање со пушки, велат од Анима мунди, кои исто така повикуваат на одговорност.

„Иако во Македонија не е забележан ниту еден случај на птичји грип кај домашната живина и вирусот на птичји грип е речиси без никаква опасност по здравјето на луѓето, за само еден ден направен е масакар врз птици во Зоо Скопје. Поточно, што е видливо и на овие грозоморни видеа, најсурово – со пушки, кршење вратови, фрлање живи во канти за ѓубре – се ликвидирани 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата. Прашуваме кој извршил тестирање и докажал присуство на птричји грип и кој се шансите да не се во право? Кои се шансите во ЗОО Скопје, каде не е извршен увоз на ниту една птица периодов; да се пријави птичји грип, а никаде во државава да го нема?
Прашуваме, дали птичји грип фаќаат само небитни живи битија, небитни животи кои немаат економска вредност – гуски, патки, чавки, кокошки – или фаќаат и орли, мршојади, ара папагали , птици кои се заштитени со закон, ретки видови птици пред истребување? Како тоагаш тие во ова лудило спасиле жива глава, или е во прашање страв од јавноста, домашна и странска која како никогаш до сега е во шок и ова најостро го осудува! Не само тоа, страв од сериозна правна, кривична одговорност во случај кога вака би ликвидирале со закон заштитени птици! Бараме ова лудило да запре, бараме комплетна транспарентност, документи на увид, имиња и презимиња/ евиденција за тоа кој констатирал и докажал птичји грип и најстрога одговорност доколку се докаже дека не се во право“, велат од Анима мунди.

Реакции има и од граѓани.

„Видео материјалот кој прикажува брутално постапување кон животните, како во овој случај со птиците во зоолошката градина, би можело да се смета за кршење на законот за заштита и благосостојба на животните… Според овој закон, е забрането непотребно малтретирање, мачење и нанесување болка на животните. Исто така, законодавецот стипулирал од истиот закон, дека секое убивање на животно мора да се спроведува хумано и со минимално страдање… Понатаму, Кривичниот законик, каде што се регулира „Малтретирање на животните.“ Државниот инспекторат за животна средина, да си ги проверат протоколите дали при отстранување на животни под сомнеж на птичји грип се почитувале законските пропишаните протоколи за хумано отстранување“, пишува Мартин Тасевски.

На почеток