Рации и апсења во БиХ, во акцијата учествувала и хрватската полиција
Полицијата во Босна и Херцеговина во акција координирана со хрватската полиција уапси пет лица под сомнение дека се членови на криминална група која досега префрлила најмалку 100 илегални мигранти во Хрватска.
Во акцијата под кодно име „Бегалец“, припадници на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) извршија рации и апсења на подрачјето на Босански Брод.
Во досегашната истрага било утврдено дека уапсените криумчареле илегални мигранти од турско, сириско, ирачко и кинеско потекло од територијата на Босна и Херцеговина во Хрватска.
По кривичната постапка, сите уапсени ќе бидат предадени на Обвинителството на БиХ, кое е одговорно за случаите на организиран криминал и шверц на луѓе.
Според СИПА, акцијата „Бегалец“ е резултат на повеќемесечната работа на таа агенција и МВР на Хрватска со посредство на ЕВРОПОЛ.