Свет

Избувнување на ешерихија коли во САД поради бургер од Мекдоналдс: „Изворот може да биде кромидот“

Едно лице почина, а десетици се разболеа од труење со храна поврзано со бургерите McDonald’s Quarter Pounder во неколку американски држави, соопштија федералните здравствени власти. Утврдено е дека хамбургерите на Мекдоналдс се поврзани со појава на ешерихија коли, објави Си-ен-ен.

Избувнувањето, кое започна во септември, се прошири во 10 западни држави со најмалку 49 пријавени инфекции, соопшти американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ).

„Епидемиолошките податоци покажуваат дека хамбургерите Quarter Pounder кои се служат во Мекдоналдс се контаминирани со ешерихија коли и предизвикуваат мачнини“, велат од ЦДЦ.

Најголем број случаи се концентрирани во Колорадо и Небраска. Други држави со случаи ги вклучуваат Ајова, Канзас, Мисури, Монтана, Орегон, Јута, Висконсин и Вајоминг. Според ЦДЦ, 10 лица биле хоспитализирани, вклучително и едно дете со сериозни бубрежни компликации.

„Едно постаро лице во Колорадо почина“, додаде ЦДЦ.

Сите испитаници за инфекциите рекоа дека јаделе во Мекдоналдс пред да се разболат. Повеќето од нив го спомнаа популарниот хамбургер Quarter Pounder, соопшти ЦДЦ.

Бактерискиот вид Escherichia coli O157:H7 за кој станува збор може да предизвика сериозни болести. Тоа беше и извор на епидемија во 1993 година кога четири деца починаа откако јадеа недоволно печени хамбургери во рестораните Jack in the Box.

„Првичните информации од Администрацијата за храна и лекови (ФДА) укажуваат дека кромидот може да биде изворот на оваа епидемија. Истражителите од сите агенции работат брзо за да ја идентификуваат контаминираната состојка“, соопшти ЦДЦ.

Акциите на Мекдоналдс паднаа за повеќе од 6 отсто во продолженото тргување, откако најголемиот синџир на храна во светот беше поврзан со појава на ешерихија коли.

„Безбедноста на храната е многу важна за мене и за сите во Мекдоналдс“, изјави извршниот директор на Мекдоналдс во САД, Џо Ерлингер. Компанијата ја прекина дистрибуцијата на сецкан кромид и привремено го отстрани Quarter Pounder од менито во погодените региони. Покрај тоа, Quarter Pounder, исто така, привремено е отстранет од менито во делови на Ајдахо, Невада, Ново Мексико и Оклахома.

„Преземавме чекори за проактивно отстранување на исечениот кромид, кој се користи во Quarter Pounders во одредени држави“, рече Ерлингер.

„Исто така, донесовме одлука привремено да го отстраниме Quarter Pounder од рестораните во одредени држави“, додаде тој.

На почеток