Магазин

Љубовна приказна – Концерт на Велкро пијано трио

Velkro Project е формиран од интернационален состав на музичари чија мисија е соединување на различни камерни формации во најразлични форми од целиот свет. Формиран од музичарите Марко Ариани, Марко Поп Ристов и Маја Божиновска, минатата година како пијано трио бележат настапи на најразлични фестивали во Италија и Македонија, после кои во 2023 година го снимаат и својот прв албум со музика на Брамс во Fames institute во Скопје.

Проектот „Љубовна приказна“ како таков е роден од идејата на Велкро Пиајно Трио со цел соединување на различни музичари од цел свет, за кои нема никакви расни разлики и предрасуди. Во време на се помалку ансамбли од ваков тип на македонската музичка сцена, нашето трио има цел да го оживее камерното музицирање и да се потсетиме на убавината на споделување сцената со прекрасниот репертоар за овој тип на состави.

Програмата е конципирана врз основа на љубовната приказна на Ј. Брамс и Клара Шуман, познатиот музички љубовен триаголник кој никого не остава рамнодушен. Тука го приклучуваме и рускиот романтичар С. Рахмањинов кој ништо помалку не заостанува со романтичниот израз кој навидум меланхоличен, ги содржи најекспресивните мелодии на руската романтична школа.
Концертот е конципиран да опфаќа дела од романтичарскиот период кој публиката инаку ретко има можност да ги слуша изведени во живо. Програмата е разновидна и избрана така да одговори на вкусот на редовната публика, но и да привлече нова, млада публика која понатаму ќе негува традиција и почит кон класичната музика.

Клара Шуман – Пијано трио во g-moll оп. 17 (1846) е нејзиното единствено трио за пијано и едно од најизведуваните дела од нејзиниот опус. Ова би била македонска премиера на ова трио кое неретко се изведува низ светот. Пијано триото бр. 1, оп.8, на големиот неокласичар Ј. Брамс, е едно од најкомплексните дела во областа на камерната музика, дело кое и те како бара искусни и одлични музичари кои имаат задача да пренесат една безвременска виртуозна музичка приказна. Спојувањето на овие триа не е нималку случајно, имајќи ја во предвид несудената љубовна приказна на овие две големи имиња на романтизмот. Клара и Брамс како симбол на несудената љубов е токму поривот за овој концерт кој веруваме дека ќе остави длабока трага кај слушателите на нашите концерти.

На почеток