Свет

Зеленски одби да го прими генералниот секретар на ОН

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да го прими генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во Киев поради неговата посета на Казан во Русија каде што учествуваше на самитот на БРИКС, изјави за АФП висок функционер од кабинетот на украинскиот претседател.

„По Казан, тој сакаше да дојде во Украина, но претседателот не ја потврди неговата посета поради понижувањето на меѓународното право во Казан“, рече функционерот, кој сакаше да остане анонимен.

Антонио Гутереш дојде во Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин на маргините на самитот на БРИКС, на кој, меѓу другите, присуствуваа и лидерите на Индија и Кина. Во разговорот со Путин, генералниот секретар на ОН му ја повторил „својата позиција според која руската инвазија врз Украина го прекршува меѓународното право“, се вели во соопштението од кабинетот на неговиот портпарол.

Кремљ се уште не објави никакви информации за содржината на нивните приватни разговори. Пред средбата, Гутереш повторно повика пред учесниците на самитот за „праведен мир“ во Украина. Уште пред разговорите Путин-Гутереш, Киев го критикуваше „погрешниот избор“ на генералниот секретар на ОН да оди во Казан, што само „го наруши угледот на ОН“.

На почеток