Украина и Русија тајно започнаа нови преговори, објави Фајненшл тајмс
Украина и Русија тајно водат прелиминарни разговори за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, објави Фајненшл тајмс. Украина, пишува ФТ, сака да ги заживее преговорите кои беа прекинати пред неколку месеци поради инвазијата на Курск, според извори, а се тоа со Катар како посредник.
„Има многу рани разговори за можно рестартирање на преговорите“, изјави дипломат запознаен со преговорите. „Сега разговараме за енергетската инфраструктура“, додаде тој.
Договорот ќе ја означи најзначајната деескалација на војната откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на Украина на почетокот на 2022 година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски овој месец изјави дека договорот за заштита на енергетските капацитети може да биде знак за подготвеноста на Русија за пошироки мировни преговори.
Според висок украински функционер, Москва и Киев веќе ја намалиле зачестеноста на нападите врз енергетската инфраструктура во последните недели како дел од договорот постигнат од нивните разузнавачки агенции.
Како што се приближува зимата, Украина се соочува со сериозни предизвици поради обемните руски ракетни напади кои уништија речиси половина од нејзиниот капацитет за производство на енергија. Нацијата сега е во голема мера зависна од своите нуклеарни централи и увозот на енергија од европските партнери.
И Киев и Москва претходно се согласија дека прекинот на нападите врз електроенергетската мрежа на Украина и руските постројки за рафинирање нафта ќе биде нивен заеднички интерес.
Но, Путин ќе биде тешко притиснат да се согласи на договор додека руските сили не ги протераат украинските војници од регионот Курск, каде што сè уште контролираат околу 600 квадратни километри територија, според висок функционер на Кремљ запознаен со преговорите.
„Се додека Украинците ја газат земјата во Курск, Путин ќе удира по енергетската инфраструктура на Зеленски“, изјави изворот за ФТ. Украина, сепак, планира да продолжи со нападите врз енергетски цели, вклучително и нафтени рафинерии, за да ја принуди Русија на преговори, според висок украински функционер.
Инвазијата на Курск доведе до тоа Москва да се повлече од претходната рунда разговори во август, токму кога официјалните лица почнаа да планираат средба лице в лице во Доха. Катар почна да посредува во тие разговори во јуни, откако Зеленски одржа мировен самит во Швајцарија, на кој Русија не беше поканета.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да ја коментира ситуацијата, како и уредот на Зеленски.