Уште еден случај на птичји грип во Скопје
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утврдила нов случај на присуство на вирусот Х5Н1 (птичји грип) кај угината дива птица – гуска во резиденцијалниот комплекс „Свети Јован“ во скопско Злокуќани. Како што информираа од АХВ, било направено и лабораториско тестирање на две живи птици (лебеди) кои биле негативни на вирусот, а се преземаат мерки за заловување на другите птици во комплексот кај кои ќе се врши лабораториско тестирање.
„АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза – убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците кои се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип. Наредено е спроведување на дезинфекција на одгледувалиштето, забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето без одобрение на официјален ветеринар“, се наведува во соопштението на АХВ.