Коцевски се колне во транспарентност, а неколку дена не одговара на прашањата на Скопје1, тој осуди притисок и закани кон новинарите
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се обрати на настанот посветен на одбележувањето на Меѓународниот ден за ставање на крај на неказнивоста на нападите врз новинарите, што се одржа во просториите на Здружението на новинарите на Македонија.
Коцевски го искористи настанот за да се осврне на последните настани и недоразбирање со шефот на Вишото обвинителство кој даде материјали на една ТВ на кој се гледа заматен лик на новинарка како прима плико за кои Хајрулахи уверуваше дека се службена одлука. Според него новинарката материјалите ги добила од член на семејството на високо позициониран обвинител.
Коцевски ја уверуваше новинарката дека обвинителството презема се за да го расчисти случајот.
„Знам дека целиот твој случај добива на тежина поради инволвираноста на јавен обвинител, но те уверувам дека јавното обвинителство има механизми со кои ќе обезбеди независно и објективно постапување по твојата пријава. Сакам на сите да биде јасно дека ја осудувам секоја постапка со која новинарите се предмет на незаконско следење и снимање. Јавно ја осудувам и секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите и влијание врз нивната работа. Таков однос кон новинарите е и ќе биде недозволен додека јас сум државен јавен обвинител. Сакам јавноста да знае дека приоритет на јавното обвинителство е заштитата на јавниот интерес и правата и слободите на граѓаните и затоа јас како државен обвинител ниту одобрувам, ниту толерирам притисоци и закани, без оглед од кого и да доаѓаат и сум одлучен да ги преземам сите законски мерки со кои моите вербални заложби ќе се покажат на дело. Во изминатиот период Јавното обвинителство вложи огромна енергија во јакнење на транспарентноста и во активностите за промоција на безбедноста на новинарите и слободата на изразување”, рече Коцевски кој веќе неколку дена не одговара на прашањата на Скопје1 дали во случајот е инволвиран член на неговото семејство.