Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична против ексминистерката Славјанка Петровска
Поради тоа што веќе 11 месеци незаконски е спречено фунционирањето на Независниот синдикат на професионалните војници, тие денеска поднесоа кривична пријава против ексминистерка за одбрана Славјанка Петровска.
Тие најавија и дека ќе излезат на протести доколку во најбрз можен рок не се одблокира синдикалното здружување кое се бори за правата на професионалните војници во Армијата.
Независниот синдикат останал блокиран и по промената на власта и без можност да се решаваат спорните прашања за професионалното служење во македонската армија.
Според Александар Насковски, претседател на Независниот синдикат на професионални војници, ниту новиот министер за одбрана Владо Мисалјловски не направил ништо да го одблокира независниот синдикат на професионалните војници, а за проблемот се известени и премиерот и врховниот командант на Армијата, претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Ако не се седне наскоро на маса и не продолжи социјалниот дијалог со синдикатот, кон протестот на професионалните војници ќе се приклучат и поранешните припадници на Армијата.
Синдикалците сметаат дека се потребни итни измени на Законот за служба и на Колективниот договор на МО.