Пет знамиња, но не и македонското: Касами на средба со евроамбасадорот разговарал за државата, без државно знаме
Во седиштето на ВЛЕН нема македонско знаме. Ова е заклучокот кој го донесе јавноста откако Билал Касами се пофали дека таму одржал средба со евроамбасадорот Михалис Рокас, во неговата прва официјална посета заедно со портпаролката на партијата Лулзиме Амети. Позади Касами имаше партиско знаме, албанско и американско знаме, европско и знамето на НАТО. Касами текстот од средбата го објавил и само на албански јазик. Кажува дека разговарале за состојбата во „нашата земја“ односно Македонија, па останува отворено прашањето – како може да нема државно знаме?
„На средбата одржана во седиштето на Движењето БЕСА, го информирав амбасадорот за актуелната политичка состојба во нашата земја, за новата влада, со посебен акцент на важната улога на коалицијата ВЛЕН во Владата. Во фокусот на разговорот беше и евроинтегративниот процес на земјава, за натамошните чекори што треба да се преземат во насока на унапредување на земјата во евроатлантските структури. Разговаравме за уставните измени, за укинување на балансерот и за законот за правична и соодветна застапеност што ќе ги предложи коалицијата ВЛЕН со што ќе се елиминираат злоупотребите при вработувањето на Албанците и другите заедници во државните институции. Евроатлантската рута останува посебен приоритет за Движењето БЕСА и коалицијата ВЛЕН, затоа се договоривме соработката со релевантните меѓународни институции да се продлабочи, за да се унапреди евроинтеграциската агенда“, напиша Касами.