Филип Петковски: Проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028” полека тоне и станува товар на една неспособна багра на луѓе
„Проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028” полека тоне и станува товар на една неспособна багра на луѓе и на институции кои очигледно не функционираат. Работата е застаната, а Град Скопје и Универзална сала само си ја префрлаат топката за тоа чија кривица е што проектот пропаѓа и никому не му е гајле за истиот. А проектот никако не смее да пропадне, бидејќи тоа ќе биде национална срамота, во очите на Европа и на соседите кои веќе успешно го реализираа овој проект во нивните градови“, пишува на социјалните мрежи Филип Петковски, професор во American High School Skopje.
„Апелирам до новинарите да почнат да се бават со оваа тематика, со надеж дека таквата реакција можеби ќе иницира некаква промена. Апелирам до Министерството за култура и туризам да се вмеша во случајот, да го превземат проектот од Универзална сала и Град Скопје, да одредат меродавно тело кое ќе раководи со проектот и кое одново ќе ја започне целата процедура која оддамна касни. Европска престолнина на културата е титула која неизмерно го менува имиџот на градот, но и на државата. Се работи за капитална инвестиција од која бенефит имаат сите граѓани, особено ако земеме предвид дека се поднесени проекти кои не се само културни настани, туку партнерски, меѓугранични и инфраструктурни проекти и инвестиции.
За Скопје ЕПК2028 треба сите да се секираме, со надеж дека останала некаква доза на патриотизам и домољубие, бидејќи дадена нѝ е шанса да покажеме какви домаќини можеме да бидеме, каква култура имаме, какви професионалци и уметници живеат во земјава, а со тоа и каков народ сме. Ваљда не сакаме да бидеме единствената земја на која ѝ била доделена оваа титула, па поради неспособноста на поединци, подоцна ѝ била одземена истата. Таквиот гест зборува и за народот кој живее во таа земја, на кој му било гајле дали има и ќе има култура и дали истата треба да се цени и валоризира. Ваљда не сме тој народ, ваљда не сме таа држава“, додава Петковски