(Видео) Повторно се разгорел пожарот на Беласица кај Смолари, оганот се приближил кон црквата Св.Петар и Павле


Синоќа повторно дојде до разгорување на пожарот на планината Беласица во близина на с.Смолари, при што истиот интензивно се приближи кон црквата Св.Петар и Павле. Веднаш после првите повици од жителите на с.Смолари, ТППЕ Струмица испрати екипа од пожарникари-спасители кои и покрај тешко пристапниот терен успееа да дојдат до фронталната линија на пожарот и да го спречат неговото движење во тој правец, известија струмичките пожарникари.
„Ширењето на овој пожар и покрај ниските температури е непредвидливо поради специфичноста на конфигурацијата на теренот и огромната количина на горлив материјал на тлото (висок слој на лисната маса која придонесува да се развиват доста високи температури и пожарот од приземен го развива кон крошните на дрвјата и како таков добива на интензитет)“, велат пожарникарите од Струмица.
