(Видео) „Арсовска е трогната, бара да се извинам, но нема бидејќи сѐ е вистина, се гледаме на суд“, избрканиот инспектор се жали на нови притисоци
Избрканиот инспектор, Даниел Митевски кој јавно проговоре за мобингот, за кој кажа дека го трпел од градоначалничката Данела Арсовска, тврди дека пак е мета на притисоци. До него, стигнало барање за извинување кое го испратил Трајче Арсов, адвокатот на Арсовска, кој претходно истото го правеше и кон редакцијата на „Скопје1“. Митевски посочува дека сѐ што кажал во поткастот е вистина, дека нема намера да се извини, како и дека е спремен со Арсовска да се соочи на суд.
„Моето излагање на поткастот кај Ландов на телевизијата Прва ТВ очигледно многу ја трогна нашата Градоначалничка па вчера ми испрати барање преку адвокат јавно да се извинам или во спротивно ќе ме тужи на Суд за нарушување на нејзината чест и углед со што продолжува со нејзиниот притисок врз мене, а преку мене и на моето семејство. Јас немам што да се извинувам бидејќи цврсто стојам позади секој мој збор кажан на поткастот бидејќи се што кажав е вистина и само вистина без ниту еден збор лага. Ова го доживувам како уште еден од низата нејзини притисоци за кое сум спремен и лично со Градоначалничката да се соочам на суд. Јас само барам правдата да биде задоволена бидејќи без никаква за мене позната причина сум избркан од работа со што е нарушено моето здравје, нарушени се мојата чест и углед, нарушена е честа и угледот на моето семејство и е загрозен опстанокот на моето семејство“, вели избрканиот Митевски за „Скопје1“.
Даниел Митевски поранешен инспектор по сообраќај во Град Скопје по 14 години работи заврши на улица со одлука на градоначалничката Данела Арсовска.
Тој во Претрес со Ландов кажа дека е избркан бидејќи наводно не бил 5 дена на работа. Тој посочи дека за достава на одлуката не сакале ни да почекаат, туку му ја доставиле додека имал слободен ден поради давање крв и потоа поради користење денови од годишен одмор. Има и пријава за мобинг, која Трудов инспекторат не успеал да ја најде во просториите на Градот за да постапува, иако таа има архивски печат.
„Ме испитуваше, ги спомнуваше моите жена и деца. Ќе останеш без работа. Ми се закануваше градоначалничката. Мене никој не ме пратил. Не верував дека ова може да се случи. Овие стресови не може никој да ви ги надомести“, рече Митевски.
Тој не е единствен кој избркан поради иста причина. Сите поднеле тужби за се што доживеале и со што се соочуваат.
Целото сведоштво погледнете го во „Претрес“: