Орце Ѓорѓиевски: Градоначалник на Скопје е убав предизвик, би го прифатил бидејќи работата ме исполнува
Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, во своето гостување во емисијата ,,За или против” на телевизијата Алфа, запрашан за тоа дали ќе биде следен кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи неговото име се почесто се споменува во јавноста, рече дека му е особено драго што граѓаните веруваат во него и дека работата е она што го исполнува.
„Чест ми е што моето име се почесто се споменува во медиумите и кај народот како иден кандидат за градоначалник на градот Скопје. Тоа е убав и сериозен предизвик и со задоволство би го прифатил бидејќи јас не се плашам од работа туку напротив, ме исполнува.
Секако, за тоа треба да одлучат и органите на партијата – Централен, Извршен комитет и секако претседателот на мојата матична партија Христијан Мицкоски. Би кажал само дека кој и да е, ќе биде значително подобар градоначалник од Данела Арсовска.
Она на што јас сум фокусиран во овој момент е да ги дореализирам оние малку проекти од мојата ветена изборна програма кои се бројат на една рака, а брои реализација од 95% во целост што не се случило досега во историјата на нашата општина која е една од најстарите.
Јас сум исклучително горд на тоа, бидејќи како што реков мене работата не ме изморува, туку ме исполнува и мотивира.
Тоа бара енергија, бара сериозен фокус, макотрпна работа да една од најруинираните општини доведете да сега зборуваме за неколку улички што не сме ги доасфалтирале а имаме а имаме простор уште година и некој месец да ги доасфалтираме.
Исто така, можеме да говориме и за бисерот на нашата општина и Скопје, спортската сала „Расадник”, која што за многу скоро со министерот Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски ќе се појавиме на отпочнување на градежните активности и тоа е проект којшто со децении го очекувале нашите граѓани.
Можеме да говориме и за решена состојба во градинките, за училишта со доградби каде што дечињата ќе учат само во прва смена, понатаму за изградени детски катчиња, изградени спортски терени, за подземна инфраструктура, за населени места коишто трајно ги решивме да конечно во населени места не се говори за септички јами во 21 век, да не се говори за слаб притисок на вода, обезбедување на водоводна мрежа итн“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски и додаде дека деновиве кои следат ќе организира отчет на кој ќе ги презентира сите реализирани проекти и дека веднаш после тоа, започнува турнеја со неговиот тим низ населбите на кои заедно со граѓаните ќе се креира буџетот и приоритетите за наредната година.