В недела во Скопје ќе се одржи меѓународна ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“


Оваа недела, со почеток од 16 часот во Скопје, по повод Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, а во организација на Атлетската Федерација на Македонија ќе се одржи традиционалната меѓународна ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје 2024“.
Ноќната атлетска трка е една од најстарите манифестации кај нас и една од најстарите на Балканот и се одржува традиционално секој Ноември во Чест на Ослободувањето на Град Скопје. Првата трка била одржана во далечната 1953 година и се трчало во поединечна и екипна конкуренција, стартот и целта биле на срeдината на плоштадот, a должината била 5 км.
На програмата на овогодинешното издание се две трки и тоа главна трка на 5км и детска трка до 12 години на 400м, со пријавени на повеќе од 400 учесници во двете трки.
Овој настан е во организација на Атлетската Федерација на Македонија, а е поддржан од Министерството за Спорт, Општина Гази Баба и МВР.
Стартот и целта на трките ќе биде во недела во близина на Триумфалната капија на централниот плоштад во Скопје.
