Град Скопје вети редовен превоз од ЈСП од утрово, а се пожали и на притисоци – претходно имаше поплаки
Во текот на викендов, жители на Скопје се жалеа на нередовниот јавен превоз. Покрај автобусите на приватните превозници кои не возат поради нереализирани барања од Град Скопје, корисници на јавен превоз посочуваа дека ниту ЈСП не вози според возниот ред. „Скопје1“ побара одговори за овие случувања од директорот Драги Кушовски, поставен од Данела Арсовска, но не доби одговори.
Сепак, од Град Скопје, вчера, доцна вечерта пред полноќ, известија дека имало притисоци, без да посочат какви и од кого. Потоа додадоа дека превозот од утрово ќе биде редовен.
„Ве известуваме дека и покрај сите притисоци, од утре ЈСП ќе сообраќа редовно и во полн капацитет“, се вели во кусото соопштение од Град Скопје предводен од Арсовска.
Ова соопштение дојде откако претходно имаше низа јавни критики.
„Скопје1“ побара одговори од директорот на ЈСП, Драги Кушовски, поставен од Данела Арсовска, уште во саботата. Бидејќи граѓани се жалеа дека нема автобус на линијата 66, цел ден, зошто е тоа така? Притоа, прашавме дали се точни информациите дека ЈСП снемува нафтени деривати, како и дали се точни информациите дека се префрла нафта од автобус во автобус за да можат дел од линиите да имаат возила. На ова нема одговор, како и на прашањето дали се користат резервите и каква е состојбата во тој дел.