Јаневска: Следната година 30 милиони евра за студентски стандард, за 18% проценти повеќе од буџетот годинава
Буџетот за студентски стандард во 2025 година ќе изнесува 30 милиони евра или за 18% повеќе од годинава. Тоа подразбира повеќе и поголеми права и можности за студентите, но и повеќе за инвестиции во инфраструктурата која ја користите. Тоа е нашата честитка кон вас по повод Меѓународниот ден на студентите. Не празни зборови, туку конкретни дела.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска вчера на настан по повод Меѓународниот ден на студентите кој го организираа Националното студентско тело (НСТ), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Младинскиот образовен форум (МОФ), а на кој присуствуваа и претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова и премиерот, проф. д-р Христијан Мицкоски.
„Вакво обединување на државното раководство околу грижата кон младите, веројатно одамна не е видено. Сите имаме идентична цел и сплотени заложби – да имате доволно можности за развој на личниот потенцијал, да ги остварите вашите амбиции во родното огниште и да придонесете во градењето на силна и просперитетна Македонија“, рече Јаневска, додавајќи дека лошите политики во изминатите 7 години резултирале бројот на ученици да се намали за 17 илјади, а бројот на студенти за 7 илјади.
Министерката информираше дека во изминатите четири и пол месеци, прифатени се повеќе барања на студентските организации, со кои се проширија студентските права.
„Овозможивме бруцошите да користат субвенциониран оброк од први октомври, што не беше така до лани. Направивме промена на конкурсните услови за повеќе категории на стипендии да може да конкурираат што повеќе млади. За стипендиите за втор циклус на студии во државата, овозможивме да аплицираат и студенти со завршени тригодишни додипломски студии, кои до лани беа дискриминирани на некој начин“, додаде Јаневска.
Посочи и дека е започната етапна реконструкција на студентските домови, а од следната година ќе продолжи изградбата на објектите за ФИНКИ и ФФК. Ќе се работи и на нови закони за високото образование и за студентскиот стандард.
„Продолжете да вложувате во себе, сакајте ја Македонија и тука остварете ги вашите соништа“, им порача Јаневска на студентите.