Скопје

Штрајк пред Град Скопје, нема плата во „Улици и патишта“ поради лошото менаџирање на Арсовска и Глигоров, најавија вработени во претпријатието

Вработени во јавното претпријатие „Улици и патишта“ најавуваат штрајк пред Град Скопје, бидејќи повторно немаат плата. Тие во соопштението до медиумите, посочуваат дека вината ја гледаат кај градоначалничката Данела Арсовска, старо-новиот секретар на Градот, Зоран Глигоров и разрешениот директор Ванчо Умленски.

„Најавен штрајк пред Собранието на Град Скопје – повторно нема плата во ЈП Улици и патишта. Поради лошото менаџирање на двоецот Арсовска – Глигоров преку разрешениот директор Ванчо Умленски, претпријатието повторно како и минатиот месец има сериозни проблеми со исплата на личниот доход на вработените. Причините за ваквата состојба се следните: 1. Презадолжување на претпријатието кон добавувачи на материјали во износ од 240 милиони денари; 2. Не плаќање на долгот од страна на директорот, односно градоначалничката, т.е. селективно плаќање на фирми блиски до секретарот и градоначалничката; 3. Сметката е блокирана во износ од 10 милиони денари и извршни решенија во износ од 40 милиони денари кои ќе стапат на сила наредниов период; 4. Во претпријатието нема основни средства за работа како нафта, ризла, тампон, рабници. Причина за ова е не плаќањето на обврските кон добавувачите, а со тоа и испораката на материјалите; 5. Градежни машини и возила што поради погоре наведените причини се со дефекти и не се сервисираат со месеци; Вработените се принудени преку штрајк да го остварат своето право на личен доход и истиот ќе биде пред Собранието на Град Скопје кога вработените ќе дојдат со целата механизација. За почетокот на штрајкот ќе бидете дополнително информирани“, се вели во соопштението пратено до медиумите од вработени во ЈП „Улици и патишта“.

„Скопје1“ побара став и од Град Скопје, односно Арсовска и Глигоров за тоа, зошто јавното претпријатие е доведено во ваква состојба, како ги коментираат најавите за штрајк, како и, зошто вработените се уште немаат плата, а сметката на претпријатието е блокирана. Оттаму, не очекуваме одговор бидејќи Град Скопје нема одговорено ни на претходни дваесетина дописи со новинарски прашања, а Арсовска се крие односно не се појавува на гостувања во „Претрес“.

И во септември, вработените во Улици и патишта се жалеа дека не им била исплатена плата во рокот до 15-ти во месецот. По дописот во јавност за лошата состојба во претпријатието, Град Скопје ги негираше таквите наводи, па претпријатието исплати плати на вработените.

На почеток