Свет

Русија најави нуклеарки ако Украинците употребат западни ненуклеарни ракети

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков предупреди дека употребата на западни ненуклеарни ракети од страна на украинските вооружени сили против Руската Федерација според новата нуклеарна доктрина може да доведе до нуклеарен одговор.

Говорејќи на редовниот дневен брифинг со новинарите, Песков изјави дека новата нуклеарна доктрина треба да стане предмет на длабока анализа дома и во странство. Тој нагласи дека Руската Федерација смета дека употребата на нуклеарно оружје е екстремна мерка, но дека доктрината треба да се ажурира за да се усогласи документот со актуелната политичка ситуација.

Песков истакна дека „специјалната операција“ во Украина се спроведува во контекст на војната што Западот ја започна против Руската Федерација и дека руската војска внимателно ги следи извештаите за плановите за употреба на американски ракети со долг дострел во регионот Курск во Русија.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин потпиша ажурирана верзија на нуклеарната доктрина на земјата.

Основниот принцип на доктрината е дека употребата на нуклеарно оружје е последната мерка за заштита на суверенитетот на земјата. Наведени се предусловите за употреба на нуклеарно оружје. Поточно, изменетата доктрина го проширува опсегот на земји и воени сојузи кои се предмет на нуклеарно одвраќање, како и списокот на воени закани на кои треба да се спротивстави.

Дополнително, во документот се наведува дека Русија сега како заеднички напад ќе го смета секој напад од ненуклеарна земја, поддржана од нуклеарна сила. Москва, исто така, го задржува правото да размисли за нуклеарен одговор на напад со конвенционално оружје што го загрозува нејзиниот суверенитет.

На почеток