Град Скопје ќе добие заем од државните резерви со нафта, за да има јавен превоз
Владата на денешната вонредна седница на која расправала за недостигот на енергенти за функционирање на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, донела одлука да се вклучи во решавање на проблемот. Како што информираат оттаму, донесена е одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Со ова, додаваат од Владата, се овозможува да му се позајмат на Градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.
„Денес, меѓу другото, Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настанатата потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај“, велат од Владата.
Претходно од Бирото за јавни набавки информираа дека управната контрола увидела дека ЈСП „Скопје“ избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел. Оттаму посочија дека понудата, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самиот ЈСП го навел во тендерската документација.