Велибор Манев нѐ однесе до местото и покажа каде е закопан убиениот Панче, сведочеа полицајци
Обвинетиот Велибор Манев е човекот кој ја одвел полицијата на местото каде е закопан велешанецот Панче Жежовски. Ова на денешното рочиште го посочија двајца полицајци кои сведочеа денеска во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски што се случија лани во ноември.
Двајцата рекоа дека Манев не зборувал ништо друго по пат освен што им го покажувал патот до местото.
„Отидовме до едно место, каде требаше да се откопа дупка во која има тело. Не знаевме за кого се работи. Манев ни даваше насоки каде да одиме“, сведочеа полицајците.
Патот според полицајците од интервентна бил непрооден за возила, со дупки и се работело за планински дел, на дел оделе и пеш.