„Можен е исчекор во процесите“, претседателката ентузијаст дека ќе се најде решение со Бугарите за да се продолжи кон ЕУ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на брифинг со новинарите посочи дека гледа оптимизам во процесите за пристапување кон преговори со ЕУ во реакциите кои добива при средбите во странство. Таа посочи дека на неа и велат: „Вие сторивте се, дури и невозможното, на ред сме ние“. Според неа, мешањето на меѓународната заедница во измените на македонскиот Устав е преседан, кој ќе прерасне во пракса. Посочи дека дури и белгискиот премиер и го посочил тоа.
„Не е пријатно кога ќе ви кажат дека првпат слушаат некои работи, а мислеле дека се е компромис“, искоментира претседателката за средбите кои ги има на меѓународно ниво, посочувајќи дека светските политичари не биле судрени со македонските аргументи за уставните измени и компромисите на Македонија.
Според неа, Македонија доживеала момент кој ќе се учи во учебници по уставно право, а тоа е изјавата на портпаролката на европската комисија, која рекла: „Да смените Устав“. Претседателката е децидна тоа е мешање во внатрешните работи на републиката.
Сиљановска-Давкова на брифингот посочи дека на прашањето „Кога ќе го смените Уставот“, им одговара: „Само апсолутен монарх може тоа да го вети“, па искоментира: „Ако некој мисли дека ќе се повтори преспанската приказна со пресија, тоа е суспензија на парламентарната демократија“.
Таа беше зачудена од изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев кој ја демантираше неа, со тврдење дека на нивната средба во Баку го искоментирал предлогот Бугарите да влезат во Устав, со одложено дејство.
„Со Радев разговаравме еден час, јас мирно и тивко објаснив дека во Договорот нема ниту еден збор за Уставни измени. Позицијата ни е јасна, ја кажуваме на сите. Немаше реакција“, беше децидна Сиљановска-Давкова.
Претседателката го прераскажа и разговорот со Радев, кој според неа, и рекол дека е покритикуван од неа.
„Ако не може да констатираме стабилност на Владите, тогаш, може да констатираме дека тој е најстабилен. Тој вели дека е покритикуван од мене. Вели дека е спремен кога сакаме да имаме средби, по наше или нивно барање“, додаде таа.
Сиљановска-Давкова посочува дека е можен исчекор во делот со Европска Унија.
„Можен е исчекор од тоа што го слушнав. Не можам да тврдам дека ќе се случи, додека не видам конкретни чекори“, додаде претседателката.