Македонија

(Видео) Мојсоска: Семејното насилство мора да се гони по службена должност – Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

Со денешното излагање на Комисијата за еднакви можности, пратеничката Јована Мојсоска најави дека Левица ќе поднесе измени на Кривичниот законик со цел заштита на жртвите од семејно насилство, односно гонење по службена должност на телесната повреда како најчесто кривично дело и предзнак на фемицид и потешки телесни повреди:

„Податоците кажуваат дека од 2021 до 2023 година, за 176% е зголемено насилството врз жените, девојките и семејното насилство. Во моментот, од пријавувањето, до санкционирање на сторителите, има огромна празнина. Она каде што најмногу се потфрла е казнивоста и санкционирањето на сторителите! Сметам дека тука најмногу потфрлаат институциите. Затоа, често говорам дека треба да се подигне свеста, пред сѐ, на институциите и квалитетот на нивното работење“ – потенцираше пратеничката од редовите на Левица.

„За трулоста на нашиот правосуден систем и за тоа колку чини животот на жената во ова општество, укажува случајот од минатата година во Куманово, каде што беа жртви една жена и нејзината мајка – со години малтретирани од страна на партнерот на жената. Сторителот претходно имал пет кривични пријави и две условни пресуди. Особено го истражував овој случај, бидејќи ме фрапираше мене, како и целата јавност и жал ми е што не се дозна судијата којшто изрекол две условни казни, за на крај случајот да заврши со трагичен епилог на два изгубени живота“ – потсети Мојсоска.

„Во извештаите на ГРЕВИО и Народниот правобранител се нотира дека повиците за семејно насилство не се приоритетни, ниту пак специјализирани истражители се испраќаат на местото на настанот. Рокот во кој полициските станици ги известуваат центрите за социјална заштита, по добиена пријава за семејно насилство, може да биде подолг и од една недела – што претставува навистина долг период за ваков тип насилство. Извештаите укажуваат и дека при пријавувањето на семејно насилство, поединечни службеници го минимизираат и бараат оправдување или во однесувањето на жртвата, или во однесувањето на сторителот. Што укажува дека ние уште на првата линија на пријавување, немаме соодветна екипираност на инспектори за работа со жртви на семејно насилство“ – посочи пратеничката.

„Според последните податоци, имаме само 11 шелтри за згрижување жртви на семејно насилство, а дел од нив не се функционални! Жртвите на семејно насилство на кои им се обезбедува бесплатна правна помош е низок, а ова е особено изразено кај жените од руралните области. Во буетот за бесплатна правна помош биле планирани 5 милиони денари, но ниту 1/3 од овој буџет не бил потрошен, а голем дел од жртвите биле принудени да плаќаат здравствени услуги за повреди здобиени од семејно насилство. Односно, одредени јавни здравствени установи приватно им наплаќале медицинска услуга, други здравствени установи наплаќале за извршената медицинска услуга како на секое друго осигурано лице, т.е. не била почитувана обврската за ослободување од трошоци на жртвите на семејно насилство. Оттука, сметам дека националните телевизии треба да имаат поголем удел во информирањето и преземање на ваков тип кампањи за укажување на механизмите со кои жртвите би можеле да се заштитат“ – предложи пратеничката од Левица.

„Податоците покажуваат дека сторителите на семејно насилство се казнуваат во само 15% од случаите, а само за 3% била изречена казна затвор. Телесната повреда, членот 130 од Кривичниот законик, е во директна контрадикција со Законот за спречување на семејно насилство каде што е предвидено гонење на семејното насилство и телесната повреда по службена должност, додека во нашиот КЗ стои дека телесна повреда како резултат на семејно насилство се гони по предлог на жртвата.

Сметам дека е потребна итна измена на овој член од КЗ бидејќи секое пролонгирање на измена на оваа одредба значи потенцијални нови жртви на семејно насилство. Поради тоа, пратеничката група на Левица, уште оваа недела ќе поднесе измена на членот 130 со кој ќе бараме, телесната повреда при семејно насилство да се гони по службена должност“ – најави Мојсоска

На почеток