28 лица се спасени, 17 се водат како исчезнати откако туристички брод потона во Црвеното Море
Египетските власти соопштија дека 28 лица се спасени, а 17 се водат како исчезнати откако туристички брод потона во Црвеното Море.
Сигналот за помош е примен во 5:30 часот по локално време (4:30 часот по македонско) од Sea Story, кој во саботата го напушти пристаништето на петдневно нуркачко патување со 31 турист и 14 членови на екипажот.
Генерал-мајор Амр Ханафи рече дека преживеаните се пронајдени во областа Вади ел-Гемал и дека ја добиваат потребната медицинска нега.
Тој додаде дека воениот брод на египетската морнарица „Ел Фатех“ и воените авиони ги интензивираат напорите за лоцирање на исчезнатите.
Dive Pro Liveaboard, сопственикот и операторот на Sea Story, допрва треба да ја коментира несреќата. На сајтот на компанијата пишува дека бродот е изграден во 2022 година и е долг 44 метри. Има четири палуби и 18 кабини кои можат да примат до 36 патници.