Македонија

10 спонтани абортуси, огромна сила: 61-годишна скопјанка го роди Петар

Феномен се случи во Македонија, на Клиниката за гинекологија и акушерство, мајка стана 61- годишна скопјанка, која на свет го донесе Петар. Бебето и мајката се во добра здравствена состојба и, како што велат од Клиниката, дома заминале во неизмерна среќа и радост. Бебето е тешко 2.350 грама и долго 48 сантиметри. Зачнато е ин витро, од јајце-клетка што мајката ја замрзнала пред повеќе од 30 години. Таткото е 65-годишен сопруг и немал проблем со семениот материјал. По 37 години поминати во брак и многу неуспешни обиди, тие не се откажале од желбата за потомство.

Директорката на ГАК кажа и дека пациентката била 37 години во брак и во целиот тој период се трудела да остане бремена. Кажа дека имала тешко гинеколошко и акушерско минато, со 10 инвитра зад себе и 10 спонтани абортуси. Имала и три претходни интервенции од кои две во Белград и една на Клиниката во Скопје.

„Во тек на бременост којашто била контролирана имала висок притисок и шеќерна болест, меѓутоа остатокот од бременоста била уредна. Дојде со малку покачен висок притисок, но откако успеавме да го стабилизираме одлучивме пациентката да ја завршиме со царски рез. И она што сакам да кажам е дека овие родители не потклекнале на неуспесите, не потклекнале на притисоците од околината и на стереотипите и предрасудите со коишто живееме. Затоа на Петар и на неговите родители им посакувам да имаат многу прекрасни моменти и уште долго да уживаат во прекрасни семејни моменти“, рече Алексиоска-Папастиев.

На почеток