Поврзување на колекторскиот систем Илинден-Марино со препумпен уред
Во рамки на активностите за подобрување на комуналната инфраструктура во Општина Илинден се реализираат градежните работи за изградба на спој на колекторскиот систем на фекална канализација кој минува низ населените места Илинден и Марино со препумпен уред.
Поврзувањето се врши на претходно изградениот лев и десен колектор за фекална канализација кој е во вкупна должина од 5 км и минува по должината на Главниот отворен одводен канал во населените места Илинден и Марино. Спојот на двата колектори се врши со изведување на градежни работи под нивото на отворениот одводен канал и претставува специфичен и тежок зафат за работа со кој водите од двата колектора ќе се зафатат во еден препумпен уред и истите ќе се насочат кон пречистителната станица која ќе се гради во наредниот период, велат од Општина Илинден.
Увид во работните активности направи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека инвестирањето во комуналната инфраструктура е од големо значење за локалниот економски развој, како и унапредувањето и заштитата на животната средина со што се овозможува подобрување на квалитетот на живеењето во општина Илинден. Токму затоа изградбата на фекална канализација со пречистителни станици останува еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа. Со реализација на овие проектни активности комплетно ќе се реши зафаќањето, одводнувањето и третманот на отпадните фекални води со што ќе се овозможи приклучување на 1.130 домаќинства, како и повеќе стопански субјекти и јавни општински установи.
Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од буџетот на Општина Илинден, се додава во соопштението.