Македонија

Кој е Гани Туша, осомничениот за убиството на Оки

Гани Туша кој е дел од групата „Барон“/Беланоца, а е осомничен за убиството на еден од водачите на групата „Дуќанџик“, Орхан Бајрами – Оки, е лицето кое останува во притвор по отворената истрага од страна на Обвинителството. До овој момент, тој беше во притвор за предизвикување на општа опасност. Тоа решение се укинува и во сила стапува нов притвор – за убиство на Оки. Доколку не се отвореше истрагата за убиството на Оки, Гани Туша ќе беше слободен човек во февруари.

Скопското обвинителство веќе ги има добиено сите докази кои ги прибра грчката полиција, а тамошните правосудни власти ја предадоа палката за Гани Туша да биде суден во Македонија.

Пресметките кај подземјето траат подолг период. Последно, пред неколку месеци, во близина на Блаце беше убиен Зељкиф Туша, татко на Гани Туша. Бидејќи беше баран со меѓународна потерница тој си го сменил презимето во Марку.

Гани во притвор во Шутка е од август лани, кога беше уапсен. Неговото име се споменуваше и за убиството во „Шиша бар“, под Кале. Тој според македонските органи се сомничи дека учествувал во купопродажбата на автомобилот „Ауди“, со кое убијците дошле до “Шиша бар“, а потоа го запалиле.

Медиумите објавија и дека е повратник од боиштата во странство, информација која никогаш не беше потврдена.

На почеток