Свет

Најмалку 25 лица загинаа во руски и сириски воздушни напади во северозападниот дел на земјата

Најмалку 25 лица загинаа во воздушни напади извршени од режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и Русија во северозападна Сирија, соопшти во понеделникот хуманитарната организација Бели шлемови, а пренесе новинската агенција Ројтерс.

Во неделата руски и сириски авиони го нападнаа градот Идлиб во северна Сирија. Сириската армија, исто така, соопшти дека повторно освоила неколку позиции што бунтовниците ги зазеле во изминатите неколку дена.

Жителите на Идлиб изјавија дека цел на еден од нападите бил преполн кварт во центарот на градот. Хуманитарните работници кои први пристигнале на местото на настанот соопштија дека пронашле најмалку седум мртви и десетици повредени.

Сириската армија и Русија тврдат дека ги напаѓаат базите на бунтовниците, а не цивилите.

Белите шлемови тврдат дека десет деца биле убиени во воздушните напади во неделата околу Идлиб и во областа до Алепо, контролиран од бунтовниците.

Белите шлемови на социјалната мрежа Икс тврдеа дека во сириските и руските напади кои започнаа на 27 ноември загинале 56 лица, меѓу кои 20 деца.

Бунтовничките сили се составени од секуларни милиции поддржани од Турција и исламистичката терористичка група Хајат Тахрир ал-Шам, пишува Ројтерс.

Овие бунтовници пред неколку дена ја окупираа провинцијата во која се наоѓа Идлиб. Ројтерс наведува дека тоа е најзначајниот напад на бунтовниците од 2020 година.

Сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека ќе ги уништи терористите. Сириската армија соопшти дека во борбите во Алепо загинале десетици нејзини припадници.

Руски воени блогери во неделата соопштија дека Москва го отпуштила командантот на руските сили во Сирија, Сергеј Кисел, откако бунтовниците упаднаа во Алепо во неделата.

На почеток