(Видео) Сведоштво на мајка за „Тик-ток“ предизвикот: Има многу повеќе повредени деца, страшно е!
Мајка од Македонија, на ученик во основно образование излезе со сведоштво поврзано со „Тик-ток“ предизвикот „Супермен“, по кој, десетици деца и тинејџери се со повреди, па и скршени екстремитети. Мајката, посочува дека има многу повеќе повредени од пријавените, а снимките кои кружат на социјалните мрежи се и причина да се верува во ваквиот став. Нејзиното дете скршило рака, но дури вчера признало дека тоа е последица на „Тик-ток“ предизвикот. Снимката подолу е направена во скопско ГУЦ, не е поврзана со конкретниот настан, но илустрира како се практицира предизвикот помеѓу младите.
View this post on Instagram
„Верувајте многу повеќе повредени деца има. Моето дете во вторникот скрши рака, другата тешко повредена, за среќа не е скршена. Дури вчера пред спиење ми призна дека го натерале да го прави tik tok superman challenge и дека од страв да не го исмеваат прифатил. Страшно е што се случува во училиштата, страшно е што детето има страв да се врати во училиште заради одредени деца кои очигледно се испуштени од раце и дозволено им е сѐ…. Но јас ветувам ова вака нема да остане незабележано и сите вмешани ќе одговараат. Правиме муабет за 10/11 годишни деца. Каде е емпатијата? Каде се децата кои го убедувале да биде фрлен бар да му се јават да го прашаат, Матео како си?! Каде се родителите кои знаат дека нивните деца се иницијатори на “играта” да ми се јават и да прашаат како е Матео, а да не правиме муабет за било какво извинување.
Пазете на децата луѓе, ова е сериозно опасна игра и многу деца не се осудуваат да кажат што им се случило за да си ги “заштитат другарите”“, пишува загрижената мајка.
До пред само неколку дена, само во поранешната градска болница, сега Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, 11 деца биле примени на лекување, па пуштени на домашна нега.