Не знаев дали Мина ќе се разбуди од кома, „Богот на колежот“ е одговор на насилствата кои ги преживеав, вели Петрушевска
„Оваа 2024 беше најтешка од најтешките и најкреативна од најкреативните“, напиша актерката Весна Петрушевска, која објави дека во изминатиот период, додека работела на претставата „Богот на колежот“, имала тешки моменти со нејзината ќерка Мина која е во Дубаи.
„Мојата премиера на „Богот на колежот“ на 24 декември во МНТ доаѓа како одговор на сите насилства кои ги преживеав, на сите одлични одлуки кои ги донесов за да прекинам со лоши и токсични луѓе, за мојата борба со ракот и сега кога врват пробите никоја не забележа затоа што театарот е сурова и прекрасна уметност, на мојата најголема љубов Мина ѝ се случи она што на ниту еден родител не посакувам, а тоа е да не знаете дали ќе се разбуди од кома или не. Моника Милков е повеќе од моја ќерка и сестра на Мина и ја спаси.
Снимав спот за претставата со Игор Џамбазов во моменти во кои не можев да стојам на нозе, а истерав до крај. Имам огромна поддршка од мојата екипа. Без оваа претстава немаше да преживеам сигурно. Едвај чекам да дојде Мина и ќе биде со големи букви посветена оваа претстава на мојата хероина.
Со татко ми велевме дека ако немаш судбина, немаш живот. Денес се три години како го нема, тато мислам дека нè чуваш од горе…“, напиша Петрушевска.