Скопје

Град Скопје лидер меѓу општините во плаќање адвокати: Данела само лани им исплатила 214 илјади евра, покажува истражување

Градот Скопје лидер меѓу единиците на локална самоуправа Сите општини и Град Скопје, во 2023 година исплатиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за адвокати по различни основи, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

„Најчеста основа е за „правни услуги“, потоа „трошоци по извршни исправи“ и „плаќања по судски решенија“. 40-тина проценти од исплатената сума од 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи како извршни исправи, судски решенија итн.

Од 81 единица на локална самоуправа, 72 имале исплати за користење на адвокатски услуги во 2023 година, додека општините Босилово, Валандово, Градско, Делчево, Зрновци, Јегуновце, Карбинци, Липково и Пласница не користеле услуги на адвокати, ниту исплатиле адвокати врз други основи.

Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат, во ист или приближно ист износ.

Градот Скопје потрошил 13.157.312 денари или 214 илјади евра за адвокати во 2023 година, односно 21,5 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа заедно. Овие средства се исплатени на вкупно 106 адвокати чии што услуги Градот Скопје ги користел или морал да им исплати во 2023 година.

Општина Гази Баба е на второто место со исплатени 7.589.821 денари или 123 илјади евра што претставува 11,3 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа. Овие средства се исплатени на четири адвокати, од кои 81 %, односно 6.152.377 денари или 100 илјади евра на адвокат Влатко Ристовски, што воедно е и највисокиот износ кој една единица на локална самоуправа го исплатила на еден адвокат. Основата за исплата е за „изградба на пречистителни станици и колектори“.

Во однос на вкупниот број на исплатени адвокати повторно на врвот е Град Скопје со 106, пред Општина Битола со 60 и Општина Куманово со 35“, стои во истражувањето.

На почеток