Свет

Висок украински функционер вели дека Киев се уште не е подготвен за преговори со Русија

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју емитувано во четвртокот рече дека Киев сè уште не е подготвен да започне преговори со Русија бидејќи нема оружје, нема безбедносни гаранции и меѓународниот статус што го бара.

Андриј Јермак ова го изјави за јавната телевизија Суспилна во време кога Зеленски јавно ја разгледува можноста за преговарачко решение за војната со Русија, предизвикана од инвазијата на Москва на соседната земја во февруари 2022 година.

„Немаме оружје, го немаме статусот за кој зборуваме. А тоа значи покана за НАТО и јасни гаранции (…) да се осигураме дека Путин нема да се врати за две или три години. “, рече Јермак, кој одговори негативно на прашањето дали Украина во моментов е подготвена да започне преговори.

Минатата недела во Париз, Зеленски разговараше за „замрзнување“ на линиите со францускиот претседател Емануел Макрон и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, а меѓу другото предложи и распоредување на странски трупи во Украина додека таа земја не се приклучи на НАТО.

Зеленски рече дека им рекол на двајцата лидери дека не верува оти Путин всушност сака да ја заврши војната и дека рускиот претседател ќе мора да биде принуден на тоа.

„Можете да употребите сила само ако Украина е силна. Силна Украина пред каква било дипломатија значи силна (Украина) на бојното поле“, рече Зеленски, имплицирајќи дека на Киев му е потребна дополнителна воена помош.

Официјален Кремљ, пак, во вторникот објави дека војната во Украина ќе продолжи се додека не се исполнат целите поставени од претседателот Владимир Путин преку воена акција или преговори. Путин бара Украина да се откаже од својата амбиција да влезе во НАТО и целосно да се повлече од четирите региони кои Русија ги смета за свои.

На почеток