Судски совет: Немало претрес, соработуваме, никој не ни влијае
Судскиот совет на Република Северна Македонија по повод пласираните информации во јавноста за наводен „извршен претрес“ во просториите на Советот во текот и по завршувањето на работното време, ја информира јавноста за следното:
“По примени писмени барања на ОЈО Скопје, Судскиот совет на РСМ постапи по истите. Нагласуваме дека не е издадена наредба за претрес, ниту е извршен претрес во просториите на Судскиот совет на РСМ. Советот соработува и ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи и институции во државата водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство и се оградува од било какви влијанија и притисоци одвнатре и однадвор, а со цел заштита на независноста и интегритетот на судството”.
Претходно од Обвинителството посочија: “ Полициски службеници по Наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, односно се обезбедуваат два записници за да се проверат евентуални елементи на кривично дело. Ова не е поврзано со формираниот предмет за “црната листа” на САД, туку се однесува на известување од МВР во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Судски совет во врска со мандатот на Дамева”.