Христовски потврди дека останува на чело на АНБ: Tоа е мојот предизвик
Бојан Христовски останува на директорската функција на АНБ, иако Рецензионата комисија го избра, а Наставно научниот совет на Факултетот за Безбедност го потврди изборот за асистент по криминалистички науки на конкурсот распишан пред три месеци.
„Останувам во АНБ, тоа е мојот предизвик. Имам уште многу работа и има уште многу време, не очекуваат реформи. Сакам да бидам дел од тоа за кое сум се нафатил. Останувам во АНБ дефинитивно“, кажа Бојан Христовски, директор на Агенција за национална безбедност.
За постапките кои надлежните органи ги водат за него, директорот на АНБ вели дека малку е симптоматично тоа што ДКСК, како што ќе завршат со истражување за еден предмет, повторно стигнува нова претставка. Тој се надева дека Антикорупциска во скоро време ќе излезе во јавност.
„Би било добро, што е можно побрзо да завршат сите надлежни органи, кои водат некаква постапка за мене. Добро би било ДКСК со се што има досега да излезе во јавност да каже и јавноста да биде запознаена“, додаде Христовски.
Антикорупциска пак, за предметот поврзан со директорот на АНБ со став дека постапката е во тек:
„По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на веб страницата на ДКСК“.
Од Обвинителство на вчерашниот брифинг посочија дека во врска со сомнителениот ТОЕФЛ сертификат и факултетска диплома на директорот се работи за кривични пријави од анонимни пријавувачи, а процесот на меѓународна правна помош е започнат.