Скандал во британскиот суд: Принцот Ендрју ги прекина сите врски со кинескиот шпион, го протераа од земјата
Војводата од Јорк, принцот Ендрју, „прекинал секаков контакт“ со бизнисмен обвинет дека е кинески шпион, откако така бил советуван од владата, јавува Би-Би-Си.
Од неговата канцеларија велат дека принцот се сретнал со човекот преку „официјални канали“ и дека „никогаш не разговарале за чувствителни теми“. Бизнисменот, познат само по кодното име H6, беше опишан како „близок доверлив човек на принцот Ендру“ и неговата жалба против одлуката да му биде забранет влез во Обединетото Кралство поради национална безбедност беше одбиена.
На судот му беше кажано дека британските официјални лица на брифинг до министерот за внатрешни работи во јули 2023 година тврдеа дека споменатиот H6 е во позиција да создаде односи меѓу истакнати личности во ОК и високи кинески функционери, „што може да се користи за политичко мешање“. Наводно, споменатиот човек го минимизирал својот однос со кинеската држава, па тоа, во комбинација со неговиот однос со принцот Ендру, претставувало закана за националната безбедност.
H6 беше поканет на роденденска забава во 2020 година и му беше кажано од помошникот на Ендрју, Доминик Хемпшир дека може да помогне во потенцијалните зделки со кинеските инвеститори. Судијата пресуди дека кинескиот бизнисмен имал „невообичаен“ степен на доверба од кралското семејство.
Канцеларијата на војводата од Јорк соопшти дека „не можат да коментираат за прашања поврзани со националната безбедност“, а Бакингемската палата исто така одби да ги коментира овие наводи. Таа тврди дека не дејствува во име на принцот Ендру, кој не е работен член на кралското семејство.
Патем, интересот за финансиите на принцот Ендру порасна во последните месеци откако беше откриено дека кралот Чарлс повеќе не му плаќа „џепарлак“. Има прашања за тоа како може да плати за својот раскошен дом на имотот Виндзор, Кралската ложа и телохранителите кои се грижат за неговата безбедност.