Македонија

Детали за терористичката група: „Имале поддршка од екстремистички групи, за да прават несакани настани во Македонија“

Уапсени се четири лица под сомнение дека планирале да сторат тероризам, посочи министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според неговата изјава, тие со лица кои не се во Македонија, планирале „несакани настани“. Изминатата вечер МВР разби терористичка група во струшко-гостиварскиот регион. Се уште се постапува, а акцијата е под палка и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

„Станува збор за терористички организации, четири лица се лишени од слобода. Тие, во соработка со лица кои не се на територијата на Македонија, подолг временски период се следат од страна на надлежните безбедносни органи и во соработка со меѓународните пријатели е постапено координирано. Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели“, рече Тошковски и додаде:

„Кривичното дело за кое е поднесена пријава е ‘терористичка организација’, а во однос на мотивите имаме основани сомненија дека се поврзани со одредени групации кои се во поддршка на одредени екстремистички и религиозни групи“.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „Скопје1“ посочуваат дека по случлајот се уште се постапува, се вршат претреси, се обезбедуваат докази. Детали најавија во текот на утрешниот ден. Тие посочуваат дека ја очекуваат кривичната пријава, која до овој момент не ја добиле.

На почеток