(Видео) Зимзоленд се жали на опструкции од Арсовска: Секој ден од сабајле до вечер имаме проблеми со нив
Организаторите на „Зимзоленд“ во Аеродром се жалат дека постојано се мета на притисоци од Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска. Атанас Стојковски, за „Скопје1“ посочува „Дел од инспекторите кои не посетуваат и доаѓаат самите се жалат дека имаат наредба и притисок да бидат присутни тука, да пишуваат казни, да нѐ малтретираат нас, да ги ги малтретираат граѓаните. Со директна наредба од градоначалничката.
„Цело време имаме инспекција од Град Скопје. Град Скопје без никакви опомени, без никакво предупредување, без никаков правилник, ни да кажат дали нештото е во ред или не, ни пишуваат казни, ни ги бркаат гостите. До сега имаме повеќе од 500 пријави од граѓани, казнети за фрлање на смет, кој нема ни каде да се фрли, може да видите. Имаме куп граѓани нѐ само од Скопје туку од внатрешноста дека им се подигнати и не знаат кај им се колите од пајак службата, по директна наредба од Град Скопје. Секој ден од сабајле до вечер имаме проблеми со нив“, рече Стојковски за „Скопје1“.
Прашања за оваа тема поставивме до градоначалничката Данела Арсовска.
„Има обвинувања кон Град Скопје и кон вас дека вршите притисоци на Зимзоленд, со цел, да предизвикате непријатности да го затворите просторот. Ваши инспектори ги забележавме кај Зимзоленд, како седат во кола и даваат постојани насоки за казнување. Колку граѓани казнивте на Зимзоленд во текот на денешниот и изминатите денови? Колку автомобили и по чија насока се собрани само од пред Зимзоленд, а колку вкупно во цело Скопје во текот на изминатата недела? Зошто го таргетирате Зимзоленд да казнувате граѓани кои дошле да почувствуваат новогодишна магија, кога истовремено, немате организирано ништо? Зошто казнувате граѓани за фрлање отпад кога со Комунална ги немате испразнето контејнерите за да има простор за отпад? И последно: Не ви е малку незгодно?“, стои во пораката до Арсовска на која немаме одговор.
Организаторите на „Зимзоленд“ се жалат и дека лицето Александар Јовановски, вработен во Град Скопје како помлад соработник за трговија и занаетчиство им се претставува како инспектор.
„Лицето кое ми го покажавте се појавува тука секој ден во различни периоди во денот, се претставува како инспектор од Град Скопје, не покажува легитимација, избегнува разговори. Ние неколку пати сме се обиделе на културен начин да ни се легитимира, да ни каже кој е, што сака од нас… Освен тоа што нѐ фотографира нас со телефон, фотографира многу голем дел од граѓаните, фотографираат возила, таблици од возилата. Не е само тоа лице, пуштени се многу лица без легитимација, без ништо, за да прават такво фотографирање. Он бега, се затвора во кола, заминува. Потоа пак доаѓа“, рече Стојковски кој е дел од организацијата.
„Скопје1“ го затекна лицето и вечерва кај „Зимзоленд“. Го прашавме зошто се претставува дека има инспекциски надлежности, како и што прави со легитимацијата од Град Скопје – тој не одговори.
Организаторот е дециден дека ги имаат сите документи и сите дозволи, а дека надлежност на местото каде е „Зимзоленд“ нема Град Скопје. Се пожалија дека утрово имале и нови опструкции – им бил заграден дел каде граѓаните се паркирале.