Еден од клучните сведоци во случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кој ги поврзал двата случаи, не е достапен за органите на прогонот
„Во однос на сведокот Гоце Трајковски истиот ОЈО не може да го обезбеди и од МВР доби известување дека не престојува на адресата по лична карта и патна исправа. Не е достапен на органите на прогонот“, рече обвинителот.
„Судот и официјално ќе се обиде да го обезбеди па понатаму ќе одлучиме што понатаму“, рече Ивица Стефановски.
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфергџиќ бараше обвинителот да се произнеси дали доколку не се обезбеди сведокот, да кажат дали неговото сведочење во Обвинителството ќе го искористи како доказ.
Судијата Стефановски рече дека ќе проба да го донесе сведок на рочиште да сведочи, доколку не успее, ќе одлучат како ќе постапат.
Судењето за убиството на Панче и Вања почна на 20 септември. Првообвинетиот е Љупчо Палевски, а обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември минатата година.
Тие беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.