Дали се вртело на бројот на Вања од телефонот на братот на Палчо?
Првообвинетиот Палевски приговараше по сведочењето на Тодорче Георгиевски и на полицаецот Елвис Ибрахим, кои тврдеа дека додека траел претресот во домот на Палевски, не забележале дека некој врти на телефонот на убиената Вања. Од друга страна, Палевски забележа дека од Обвинителството ниеднаш не го прашале брат му зошто е вртено на бројот на Вања од неговиот број, ниту го повикале за сведок.
Сведокот Елвис Ибрахим, виш инспектор во ПС Чаир, ги наведе деталите околу претресот кај Блаже Палевски:
„Бев на претресот во село Глуво, кај Блаже Палевски на 03.12.2023 година. Преземавме службени дејствија по наредба на судија на претходна постапка. Претрес на просториите во дом, земавме еден лаптоп еден таблет и Ајфон 6. И ги предадовме за понатамошни испитувања за потребите на колегите од Крвни деликти.
Претресот беше околу 20,30 часот, имаше ангажирано адвокат Блаже Палевски, кој присуствуваше на цел претрес. Извршен беше претрес, предметите кои ги наведов се одземени. Дома бeа брат му, сопругата, мајка му. Претресот заврши околу 22 и 30 минути“ – изјави сведокот Елвис Ибрахим.
Палевски го праша дали додека траел претресот некој од неговото семејство вртел телефони и дали некој од полицијата вртеле телефон, посочувајќи дали било вртено на телефонскиот број на Вања, на што сведокот одговори дека не забележал такви дејствија.
„Во претресот одземени се само наведените телефони. Телефоните на домашните беа пред нас и додека разговараше со адвокатот тоа се одвиваше пред нас. Не беа одземени, беа на увид пред нас“ – рече Ибрахим.
Одбраната приговари на овој сведок во однос на тоа дека исказот како таков е невистинит.
Сведокот Тодорче Георгиевски, вработен во Единицата за економски и компјутерски криминал, на денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, рече дека не забележал дека некој ѝ вртел на Вања додека бил вршен претресот на имотот на братот на првообвинетиот Љупчо Палевски, Блаже Палевски.
„Да, присуствував на претресот на 03.12.2023 година. По претходна наредба на началникот се упатив на давање асистенција на колегите од ЕБР, околу одемањето на техниката. Заедно бевме со колегите од ЕБР. Мојот дел беше околу одземањето на предметите, за читањето сериски броеви како што е по однос на привремено одземање на предмети.
Дали од некое службено лице е извршено вртење на телефонскиот број на Вања? – од моја страна не беше забележано такво нешто, ниту јас, ниту други лица. Освен од Блаже Палевски кој вртеше кон својот адвокат, друго вртење од моја страна не беше забележанo“ – изјави Тодорче Георгиевски.
И овој сведок потврди дека телефоните не биле одземени од лицата кои ги затекнале во домот, туку само ги имале на увид.
Првообвинетиот Палевски приговараше по сведочењето на Георгиевски и на полицаецот Елвис Ибрахим, кои тврдеа дека додека траел претресот во домот на Палевски, не забележале дека некој врти на телефонот на убиената Вања.
„Оштетеното дете на денот на претресот е пет дена убиено. Ниту брат ми, ниту мајка ми не знаеле број од оштетеното дете Вања и кога им биле одземени телефоните не може да вртат, а просечно интелигентен човек знае дека кога има претрес во дом, се врти на телефон кој може да биде најден во околината. Сето тоа се злоупотребува од ОЈО, на 26 сведоци не најде ниту време ниту можности зошто брат ми вртел на телефон кога детето е убиено веќе пет дена“ – изјави Палевски.
Според одбраната, имало записник во ОЈО во кој пишувало дека за време на претресот, било вртено на телефонот на Вања од бројот на Блаже Палевски.
На 20 декември продолжува судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, со изведување материјални докази од обвинението.