Свет

Резултати од пописот во Косово: двојно повеќе Срби од пред 13 години

Населението во Косово е намалено во последните 13 години од 1,74 милиони на 1,6 милиони, покажуваат резултатите од пописот на населението објавени вчера. Оваа година беше спроведен вториот попис на населението, откако Косово прогласи независност.

Агенцијата за статистика соопшти дека Србите го бојкотирале пописот „во значителна мера“ по повиците на српските политички партии да го сторат тоа. Агенцијата го процени вкупното српско население на околу 53.000, што е за 28.000 повеќе отколку на пописот во 2011 година.

Мнозинството Срби живеат во четири северни општини – Лепосавиќ, Звечан, Зубин Поток и Северна Митровица. Ги има речиси 37.000, пишува Асошиејтед прес.

Просечната возраст во Косово е под 35 години, втора најмлада во Европа. Просечната возраст на пописот од 2011 година беше близу 30 години. Пописот покажа и дека војната 1998-1999 г резултираше со 11.417 мртви и 1.047 исчезнати. Материјалната штета се проценува на 5 милијарди евра.

Муслиманите се огромно мнозинство со учество од 93,49 отсто. Православните христијани сочинуваат 2,31 отсто, а католиците 1,75 отсто.

„Резултатите од пописот претставуваат основа за креирање политики за реалните потреби на граѓаните“, рече премиерот Албин Курти.

Косово беше српска покраина сè додека 78-дневната воздушна кампања на НАТО во 1999 година не стави крај на војната меѓу српските владини сили и албанските сепаратисти во Косово и ги протера српските сили. Белград не ја признава независноста на Косово од 2008 година. Односите меѓу Косово и Србија остануваат напнати и покрај напорите на меѓународната заедница да ги нормализира.

На почеток