Македонската амбасада во Киев погодена од руски ракети


Во руски ракетен напад врз Киев погодена е амбасадата на Македонија во Украина, при што нема човечки жртви меѓу дипломатскиот персонал, но причинета е материјална штета, информираше денеска македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Амбасадата на Македонија е една од шесте амбасади, меѓу кои и на земји-членки на ЕУ, сместени во зградата погодена во денешниот ракетниот напад врз критична инфраструктура во Голосеевскиот реон во Киев. Од МНР информираат дека од страна на надлежните служби извршен е првичен преглед на штетата и оти се работи на нејзино санирање.
Нападот врз Киев се случил рано наутро при што загинало едно лице, а повредени се 12. Нападот го оневмозжил системот за затоплувањето на 630 станбени згради, 16 болници и 30 училишта и градинки. Со нападот оштетени се 20 административни висококатници, како и на католичката црква „Св. Никола“ во центарот на Киев и Националниот јазичен универизтет.
Русија извести дека нападот е одговор на украинскиот напад врз руска хемиска фабрика со употреба на ракети од американско производство и оти целта биле објекти на воената индустрија и безбедносните служби на Украина.
