Смртта на професорот Кожухаров се испитува: како со автомобил завршил во Црна река
Обвинителството ја испитува точната причина за смртта на професорот д-р Сашо Кожухаров, Декан на Економски факултет и Проректор за наука и развој на Универзитетот „Скопје“. Ова доаѓа откако тој беше најден мртов, со автомобил излетан во Црна река. Обвинителството се сомнева како настанала несреќата, па затоа наредиле и истрага.
Засега е извршен увид на лице место, а телото на професорот е дадено на обдукција. Обдукцискиот наод се уште го немаат добиено, пет дена по настанот.
Се проверуваат базни станици, телефонски комуникации, но и детали од ХЕЦ Тиквеш дали кога е испуштана браната на хидроцентралата и дали при таков испуст се подига значително нивото на водата во Црна Река на критичната локација.
Кожухаров почина 11 дена пред неговиот 64-ти роденден.
Професорите на универзитетот се простија од својот колега.
„Те чекавме на утринското кафе пред да почнеме со часовите и денот, а наместо тебе, ни пристигна жалната вест за твоето неочекувано заминување! Нѐ остави со голема празнина таму каде што беше ти, во нашите срца, во училниците на Универзитетот! Ќе го паметиме вчерашниот ден, 16 декември, во спомен на сите прекрасни денови и предизвици што ги поминавме заедно!Нека ти е светол патот во вечноста!“, стои во објавата на професорите на универзитетот.