Паѓа случајот за нарачката на упадот во Собранието: Обвинителството смета дека обвинетите не можат да бидат гонети
Обвинителството смета дека не може случајот „Организатори на 27 април“ да се води понатаму, бидејќи има правна пречка. Овој случај требаше да го одгатне прашањето: Кој го нарача и кој го спроведе насилниот упад во Собранието на 27 април?
Обвинителството, мислењето го достави до Кривичниот суд, кој треба да донесе одлука дали ќе ја запре постапката. Според Обвинителството, треба да се запре постапката, но одлуката е во рацете на судот и треба да ја донесе идниот месец. Ако постапката се запре, сите обвинети ќе бидат ослободени. Потегот на Обвинителството доаѓа по напатствија од Апелација, кои ја укинаа првата пресуда на Кривичен суд
„Обвинителството достави мислење до судот дека во конкретнниот случај постои правна пречка за поднесување на обвинение за што треба да се донесат решенија за запирање на постапката. Јасно и прецизно посочуваат дека има правна пречка за таа постапка да може да се води поради примена на законот за амнестија примената“, вели Еленко Миланов за „Скопје1“, адвокат на Миле Јанакиески во овој предмет.
Предметот го покрена ОЈО-ГОКК, а истрагата ја водеше ексобвинителката Вилма Русковска.
Обвинети беа поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот министер за образование Спиро Ристовски, поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски.
Дванаесет обвинети, меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија.